Бременост

Бременоста е посебен период од животот на жената поврзан со мноштво телесни и емоционални промени. Бременоста е исполнета со мигови на возбуда и благост како за самите родители, така и за акушер-гинекологот кој го проследува целиот процес на развитокот на плодот. Пред пациентките се појавуваат безброј прашања и вообичаени стравови поврзани со развојот на бременоста: дали бебето е здраво, можно ли е да се јават некои аномалии и сл. Денес, со развојот на современата технологија и методите на испитување на плодот, реално е да се гарантира раѓање на живо и здраво бебе.

Начинот на живот на трудницата не треба толку темелно да се промени. Доколку сакаме исхраната да биде полезна и здрава, потребно е да се избегнуваат тестенините и храната богата со шеќери и масти. Исто така, не треба да се консумираат сувомесни производи што содржат канцерогени материи и коишто можат да предизвикаат токсоплазмоза - болест што ги оштетува очите, мозокот и срцето на бебето. Бремената жена треба да внесува храна богата со протеини, неопходни за растот и развитокот на бебето во утробата. Тоа значи дека дневно таа мора да внесува најмалку 700 мл до 1 литар благо или кисело млеко, или пак јогурт. Исхраната треба да е разнообразна, квалитетна и да биде поделена на 6 до 8 оброци дневно.

Бременост

Од видот на исхраната зависи и зголемувањето на тежината на мајката. Ова поместување на телесната тежина во текот на целата бременост не треба да ја помине границата од 10-12 кг. Тоа може да се постигне преку внесување храна сиромашна со калории и богата со витамини и минерали - овошје, зеленчук, компир, секаков вид житарки (ориз, пченица, мусли), посно месо (пилешко, телешко), риба, млечни производи.

Бремената жена исто така има потреба и од рекреирање. Најполезни се умерените спортски активности - одредените стилови пливање, како и лесното вежбање и пешачење. Физичката активност треба да предизвика задоволство кај трудницата, а не замор. На овој начин се подобрува крвната циркулација, дишењето, мускулниот тонус, варењето во цревата.

Секако, секоја трудница треба да престане со пушењето цигари, затоа што штетните последици врз плодот се огромни. Имено, кај трудниците што пушат, зачестеноста на крварењата во првото тромесечје и спонтаните абортуси е многу поголема отколку кај трудниците-непушачи. Цигарите влијаат на плацентарниот крвоток и го намалуваат протокот на крв низ папочната врвка, а со тоа ја намалуваат и интраутерната исхрана на бебето. Кај мајките-пушачи можат да се јават бебиња со недоволен раст и развиток, со нарушен дишен капацитет, а расте и зачестеноста од ненадејна смрт на новороденчето како резултат на срцева аномалија.

И алкохолот има негативно влијание врз растот и развиток на плодот во утробата. Преминувајќи преку плацентарната бариера, алкохолот директно делува врз сите органи на плодот. Додека организмот на мајката добро го поднесува алкохолот (нејзиниот ензимски систем веднаш се активира за разградување на алкохолот), нејзиното бебе е изложено на тешко „пијанство“. Ензимскиот систем на фетусот сепак е недоволно развиен, за да може да ги разгради токсините на алкохолот. На тој начин директно се оштетуваат сите негови органи, односно настанува „алкохолна ембриопатија“, со сите можни телесни и душевни нарушувања како последица на консумирањето.

Свесни сме за штетното влијание на наркотиците, не само за време на бременоста, туку воопшто за здравјето во целина. Нивното користење во периодот на бременост го зголемува ризикот од мноштво аномалии кај плодот. Консумирањето дрога (кокаин, марихуана, LSD, хероин) може да биде причина за нарушувања на централниот нервен систем, кардиоваскуларниот систем и урогениталниот тракт на бебето, за хромозомски нарушувања и многу други аномалии на скелетот, главата, екстремитетите. Бебето обично се раѓа со мала тежина и кај повеќето се забележува апстиненцијален синдром.

Како заклучок може да се извлече дека секоја трудница, пред да почне со каква било терапија, мора да се консултира со својот акушер-гинеколог, а и секој симптом што ќе ја вознемири трудницата, мора да биде соопштен, бидејќи бременоста сепак е специфична состојба којашто предизвикува како физички, така и психички промени.

Трудницата мора да знае дека редовните прегледи се практикуваат еднаш месечно, а последниот месец и почесто доколку е потребно. Таа треба да ги слуша советите на својот доктор, да ги следи неговите упатства и само така може сè успешно да се заврши и за семејството, и за докторот.

Кога пациентката планира бременост, треба да започне со внесување фолна киселина, но и да го продолжи примањето до завршувањето на првите 3 месеци од бременоста (првите 12 гестациски недели). Утврдено е дека примањето фолна киселина во почетокот на бременоста, значително го намалува ризикот од аномалии на централниот нервен систем на бебето. Истовремено, со фолната киселина се препорачуваат и мултивитамински препарати наменети токму за трудниците.

На крајот од првото тромесечје (11-12 ГН) се врши вагинален ехо-преглед, при што се мери нухалната тренслуценција (раслојување на тилниот дел на бебето), носната коска на фетусот, како и колор-доплер испитување на протокот на крвта во дуктус венозус (крвен сад кој ја поврзува папочната врвка со десното фетално срце). Целта на овие три испитувања на бебето во првото тромесечје на бременоста е да се процени ризикот од хромозомните аномалии, како тризомија 13, 18, 21, Турнеровиот и Клајнфелтеровиот синдром и да се индицираат евентуалните понатамошни испитувања.

Во периодот од 15-та до 18-та гестациска недела, се изготвува таканаречениот Triple тест - биохемиско испитување на крвта на бремената жена - алфа-фетопротеин, бета-HCG, естриол или Double тест-испитување на алфа-фетопротеин и слободен бета-HCG. Ако овие два теста се позитивни, тогаш се индицира амниоцентеза, аспирирање на плодовата вода, за да се изврши хромозомно испитување за аномалии на плодот.

Правилното поведение на бремената жена гарантира раѓање здраво бебе.