Ендометриоза

Ендометриозата претставува заболување при кое има присуство на маточна лигавица во мускулниот слој на матката и надвор од неа. Ендометриозата зазема трето место после воспалителните заболувања на женскиот полов систем и миомот на матката.

Постојат многу хипотези за настанувањето на болеста, но ниедна од нив досега не е потврдена, што значи дека до денешен ден причините се непознати.

Ендометриозата може да биде внатрешна и надворешна.
Внатрешната ендометриоза се развива во мускулниот слој на матката каде се наоѓаат гнезда од ендометриjални клетки кои образуваат мали цистички. Пациентките обично се жалат на болна и обилна менструација. Матката е зголемена и болна на допир.
Надворешната ендометриоза е најчеста во полово зрелата возраст и се среќава најчесто помеѓу 25 и 35 годишна возраст. Болката е постојана или се чувствува како дискомфорт во долниот дел на мевот како резултат на постоечките адхезии ( сраснувања ). Од ендометриозата се засегнати и јајниците, кои често се со нарушена функција и се образуваат таканаречените чоколадни цисти. Како резултат на ова се развива стерилитет ( неможност за забременување ).

Дијагнозата на ендометриозата не е лесна. За нејзиното откривање се користат повеќе методи како колпоскопија, ултразвучен преглед, хистероскопија, лапароскопија, хистеросалпингографија и хормонални испитувања.

Лекувањето е конзервативно со лекови и оперативно. Се користат препарати кои се насочени против хормоните кои ја стимулираат функцијата на јајниците и на тој начин се прeдизвикува состојба на лажна менопауза. При слаби резултати од конзервативното лекување се преминува на оперативно лекување.

Раното откривање на ендометриозата го зголемува успехот за постигнување бременост.