Ин Витро

Почитувани пациенти,

Вашата желба за собствено дете е се уште неостварена. Желбата да имаме свое поколение е многу лична и интимна. Кога таа желба неможе да се оствари, се појавуваат многу прашања, сомнежи и страв. Дури и вашето партнерството е поставено пред сериозен испит. Затоа е потребна заедничка доверба која ќе ни помогне заедно да ја оствариме таа толку посакувана желба.

Во нашата поликлиника работи оддел за ин витро оплодување (биомедицинско подпомогнато оплодување - БПО), кои има за цел да им помогне на двојките, кои имаат проблем со остварување на својата репродуктивна функција. Во текот на нашето постоење, целосно сме посветени на проблемите со зачнувањето, при што го достигнавме врвот во областа на стерилететот со отворањето на одделот за ин витро оплодување. Ин витро лабораторијата е опремена со најсовремна апаратура во која ги користиме сите најнови и модерни технологии во областа на биомедицинското подпомогнато оплодување, користени во најдобрите светски клиники. Со вас ќе работат високо квалифицирани специјалисти чија цел е да ви помогнат да го добиете посакуваното дете.

bebe1

Ние ги остваруваме вашите соништа, ја создаваме вашата среќа и вашата иднина.

И природата понекогаш има потреба од малку помош.

Првото успешно ин витро оплодување е направено во далечната 1978 година во Англија, кое даде надеж на многу двојки. Ин витрото ( вештачкото оплодување ) е сложена процедура која бара голема емоционална енергија и пред се финански ресурси.

Ин витро процедурата преминува низ пет фази :
  1. Овариjална супресија
  2. Овариjална стимулација
  3. Аспирација на јајцеклетки
  4. Оплодување на јајцеклетките
  5. Ембриотрансфер
  6. Тест за бременост
aspiracija

ОВАРИJАЛНА СУПРЕСИЈА – овулацијата на жената се контролира со специјални лекови наречени GnRH аналози ( гонадотропин рилизинг хормон аналози ). Има две категории на GnRH аналози – агонисти и антагонисти. Овие лекарства не дозвoлуваат да се ослободат јајцеклетки прерано за време на целата процедура. Затоа оваа фаза се нарекува фаза на фоликуларна супресија. GnRH аналозите се дават вo форма на спреј за нос, интрамускулно или како подкожна инекција. Како странични ефекти од овие лекови можат да се појават главоболка, топли бранови, сувост во вагината, промени во расположението, црвенило, болка и друго, но сите овие странични ефекти се краткотрајни и минливи.

ФОЛИКУЛАРНА СТИМУЛАЦИЈА – За да се зголемат шансите за бременост се користат лекарства за стимулација на јајниците со цел да се добијат повеќе фоликули и од таму и повеќе јајцеклетки, многу повеќе од нормалниот циклус. Како странични ефекти од овие лекови можат да се појават црвенило, болка, умор, чуствтелност на градите, синдром на овариjална хиперстимулација, цисти во јајниците и болки во малата карлица.
Инекциите за стимулација на јајниците се даваат од 7 до 10 дена. За време на тој период треба да го посетувате ин витро центарот почесто, за да се следи растот на фоликулите и репродуктивните хормони во крвта. За време на овие прегледи дозата на лекарствата може да се менува по наша проценка. Кога фоликулите ќе ја достигнат потребната големина се дава инекција, наречена стоп инекција која на јајцеклетките им го дава дефинитивниот развој.
Кога ќе се стави стоп инекцијата овулацијата ќе настапи за околу 40 часа при нормален циклус, но при ин витро аспирацијата т.е вадењето на јајцеклетките ќе биде малку порано пред да настапи овулацијата.

stimulacii

АСПИРАЦИЈА НА ЈАЈЦЕКЛЕТКИ – се прави во точно планирани часови по стоп инекцијата, најчесто по 34 – 37 часа. Оваа фаза е многу важна бидејки треба да се случи пред да настапи овулацијата. Зa време на оваа процедура ќе ви биде даденa премедикација или краткотрајна анестезија. Зрелите јајцеклетки се собираат со специјална игла за таа намена , водена од ултразвучна сонда со водач. Иглата преминува преку вагината и достигнува до јајникот и се започнува со аспирацијата на јајцеклетките. После пункцијата може да имате слаби болки слични на тие како при менструација. Ќе останете неколку часа во ин витро центарот во специјална просторија подготвена само за вас и ќе добите инструкции како понатаму?

ОПЛОДУВАЊЕ НА ЈАЈЦЕКЛЕТКИТЕ – во ин витро лабораторијата јајце клетките се мешаат со сперматозоидите на вашиот сопруг и наредниот ден се гледа колку од нив се оплодени. Оплодените јајцеклетки се нарекуваат преембриони, кои во наредните денови ќе се набљудуваат дали правилно се делат. Кога ембрионите ќе достигнат определена етапа од својот развиток треба да бидат пренесени во матката.

ЕМБРИОТРАНСФЕР – е кратка, но многу важна процедура. Пред самиот ембриотрансфер ќе се договориме колку ембриони ќе бидат трансферирани во матката. За време на трнсферот се става специјален катетер кој минува преку вагината, грлото на матката и влегува во матката. Преку тој катетер се ставаат ембрионите во матката. Ембриотрансферот e апсолутно безболен. После него кај нас ќе останете еден час и го напуштате ин витро центарот. Преостанатиот дел од денот ве совеуваме да се одморите.

ТЕСТ ЗА БРЕМЕНОСТ - две недели после ембриотрансферот треба да дојдете во ин витро центарот и да направите тест за бременост β-hCG во крвта. Ако неможете да дојдете, може да направите обичен тест за бременост со мокрача, но не брзајте пред 15-тиoт ден од ембриотрансферот бидејки се послабо чувствителни.

embriotransfer

ЗАПАМЕТЕТЕ – за жал ниту зачнувањето, ниту среќниот крај на бременоста не можат да се гарантираат со ин витро процедурата. Постојат многу причини поради кои ин витро оплодувањето може да биде неуспешно. Причини за неуспех можат да бидат :

  • Неможност да се извлече јајцеклетка, бидејки фоликулите кои содржат зрели јајцеклетки можат да не се развијат зa време на стимулацијата, овулацијата настaпила пред времето за пункција, неможност да се аспирираат јајцеклетките поради технички причини како што е срастување на ткивата поради предходни операции или воспалителни процеси.
  • Аспирираните јајцеклетки може да не се нормални.
  • Можно е да нема доволно семенска течност за оплодување на јајцеклетките.
  • Ембрионите можат да не се развиваат правилно или воопшто да не се развиваат. Ембрионите кој се развиваат неправилно не се поставуваат во матката.
  • Ембриотрансферот може да биде тежок или невозможен. Можно е ембрионите да не се имплантираат или ако се имплатираат да не се развијат правилно.
  • Секоја фаза од процедурата ин витро може да се искомплицира од непредвидливи ситуации како повреда на апаратурата, инфекција и други причини.