Грижа за менталното здравје во постродилниот период

Менталното здравје ја вклучува нашата емоционална, психолошка и социјална благосостојба. Тоа влијае на тоа како размислуваме, чувствуваме и дејствуваме и помага да се одреди како се справуваме со предизвиците, како се поврзуваме со другите и како правиме здрави избори. Грижата за менталното здравје е битна во секој период од животот, а особено е значајна и во периодот по породувањето.

Кога зборуваме за грижата за менталното здравје во периодот по породувањето, важно е да сме свесни и информирани за промените, кои можат да се јават во овој период: кои се причините, како влијаат на релацијата со бебето и начини на справување со ваквите промени...

Донесувањето на свет на новиот живот е значаен животен настан во животот на секоја мајка и истиот води кон големи промени во дотогашниот начин на живот.

Да се има бебе е искуство што го менува животот. Да се биде родител е возбудливо, но исто така може да биде заморно и поразително. Нормално е да се појават чувства на загриженост или сомнеж, особено ако сте родител за првпат.

По породувањето нагло се менуваат физиолошките процеси во организмот, настануваат нагли промени на хормонално ниво, физички промени на телото, можно е преживеано трауматско искуство при породување, се менува перцепцијата за животот - дотогашната улога, се менува семејниот систем, недостаток на сон, грижи за родителствувањето, промени во релацијата со партнерот итн.

Овој период е исполнет со јаки емотивни доживувања, возбуденост, радост, очекувања, страв, вознемиреност, но и она што може не го очекуваат новите родители, а тоа е депресијата.

Многу често новите мајки, од 50% до 70% доживуваат постпородилна тага или т.н. „baby blues“ по породувањето што вклучува промена на расположението, напливи на плачење без видлива причина, анксиозност и проблеми со спиењето. Ваквите симптоми вообичаено се јавуваат во првите денови по породувањето, може да траат до 2 недели и се од минлив карактер.

Некои мајки доживуваат потешки симтоми на депресија, кои траат повеќе од 2 недели што е познатото како постпородилна депресија. Вообичаено симптомите се појавуваат во првите 6 недели по породување, а можат да се појават и во периодот до 1 година.

Нарушувањето резултира со значително оштетување во личните, семејните, социјалните, образовните, професионалните или други важни области на функционирање. Ако функционирањето на новата мајка се одржува, тоа е само преку значителен дополнителен напор.

Според МКБ 11, вообичаени презентации на ментални или бихејвиорални нарушувања поврзани со бременост, породување или пуерпериум, без психотични симптоми вклучуваат:

• Депресивни симптоми, кои може да вклучуваат:
  • депресивно расположение;
  • прекумерно плачење;
  • тешкотии во поврзувањето со бебето;
  • повлекување од семејството и пријателите;
  • губење на апетит или јадење многу повеќе од вообичаено;
  • неможност за спиење (несоница) или премногу спиење;
  • огромен замор или губење на енергија;
  • намален интерес и задоволство во вообичаено пријатни активности;
  • интензивна раздразливост и лутина;
  • страв дека не е добра мајка, чувство на безвредност, срам, вина или несоодветност;
  • намалена способност за јасно размислување, концентрирање или донесување одлуки;
  • мисли за повреда на себе или на бебето.
• Симптоми на анксиозност, кои може да вклучуваат:
  • прекумерна загриженост;
  • општа загриженост што не е ограничена на одреден стимул од околината;
  • фобични одговори (на пример, поврзани со нечистотија или бактерии)
  • напади на паника.
• Опсесии и компулсии:
  • Опсесиите се повторувачки и постојани мисли, слики или импулси/нагони, кои се доживуваат како наметливи и несакани и најчесто се поврзани со анксиозност;
  • Компулсиите се повторувачки однесувања или ритуали, вклучително и повторувачки ментални дејствија при кои поединецот се чувствува поттикнат да ги изврши како одговор на опсесија;
  • Опсесиите и компулсиите обично се фокусираат на новороденото (или нероденото) новороденче. На пр., опсесиите за тоа дека бебето е повредено, контаминирано или изгубено; компулсивни ритуали кои вклучуваат проверка, ментални ритуали и барање-уверување. Може да има и прекумерно избегнување, како на пример: избегнување капење или држење на бебето, како одговор на опсесиите.

Постпородилната депресија на почетокот може погрешно да се помеша со постпородилната тага, но знаците и симптомите се поинтензивни, траат подолго и го попречуваат функционирањето, вклучително и способноста да се грижи за бебето.

Постпородилната депресија не е карактеристика на слаб карактер или слабост. Не треба да се обвинувате дека сте лош родител или лош човек! Нетретирана постпородилна депресија може да трае до 1 месец, па и подолго.

Во 1 на 1000 породувања може да се јави постпородилна психоза што преставува многу тешка форма на депресија. Симптомите започнуваат брзо по породувањето и може да траат со недели, па и месеци. Оваа состојба вклучува тешка агитација, илузии, халуцинации, дезориентираност, чувство на вознемиреност, проблеми со спиење, параноидност, преземање обид да се повреди себе или бебето или други психотични симптоми. Вакви симптоми се јавувуваат многу ретко и во вакви систуации неопходна е итна реакција од страна на најблиските и обезбедување на итна медицинска грижа.

Како резултат на многуте промени што ги носи овој период, за некои мајки и покрај тоа што донесувањето на свет бебе е среќен настан, истиот е и многу стресен настан. За побрза адаптација на „новото нормално“ неопходен е поддржувачки систем како од себе, така и од околината што вклучува партнер, пошироко семејство, родители, пријатели.

Чувството на умор и преоптовареност е многу заедничко за повеќето нови родители. Родителството е полно со подеми и падови и да се има бебе е радосно, но не е лесно. Доколку се појават вакви симтоми, битно е да сте свесни дека треба да преземете нешто и дека не мора да страдате сами!

Најбитно е да не се игнорираат доживувањата, кои ја преплавуваат новата мајка и за истото потребно е да разговара со партнер, пријател, член од семејството или некој што ќе ja слуша и ќе ѝ помогне.

Иако постпородилниот период е исполнет со многу активности околу грижата за бебето, сепак, новата мајка потребно е да се организира, да си дозволи да прифати или побара помош од партнерот, членови на семејството или лице на кое му верува, да ја замени во обврските, за да може да се одмори, да се храни здраво, да најде време за вежбање и релаксација.

Одморот и обезбедување на сон треба да биде приоритет. Контакт со пријателите, било да е преку прошетка или телефонски разговор, треба да биде охрабрен. Потребно е време за грижа за себе и правење работи во кои новата мајка ужива, како читање или друго хоби.

Ваквите активности ќе направат мајката да се чувствува порелаксирано во релацијата со своето бебе и можност да воспостови топол, поддржувачки и одговарачки контакт со своето бебе, одговарајќи на неговите потреби што е особено значајно за понатамошниот развој на бебето.

Доколку симтомите продолжуваат и повеќе од 2 недели и новата мајка се чувствува отежнато и ограничено во исполнување на секојдневните обврски, потребно е да се побара помош од стручно лице психолог, психотерапевт, а по потреба и психијатар. Стручните лица можат да помогнат преку разговор, советување, психотерапија и по процена од психијатар и медикаментозна терапија.

Стручна помош ќе им обезбеди доверба, знаење и вештини, кои им се потребни на жените во неделите по породувањето, поддржувајќи ги да се прилагодат на какви било промени во нивните интимни односи и да изградат нови семејни релации. Новите мајки ќе бидат подобро опремени да се справат со физичките и емоционалните предизвици и да го искусат динамичното достигнување на личен раст. Позитивно постнатално искуство за жената е она што одговара на нејзиниот специфичен контекст и преференции.

Луѓето со депресија, можеби, нема да препознаат или признаат дека се депресивни. Можеби, не се свесни за знаците и симптомите на депресија. Ако се сомневате дека некој пријател или близок има постпородилна депресија или развива постпородилна психоза, помогнете им веднаш да побараат лекарска помош!