Акушерство

Раѓање - најинтимниот момент во животот на секој човек, најсилниот тест за секоја жена, највозбудливиот предизвик за докторот и акушерката.

Знаеме дека трудницата има илјадници прашања кога ѝ претстои породување. Тимот на Специјализираната болница по гинекологија и акушерство „Д-р Органџиски“ е отворен да разговара со секоја идна мајка за нејзините желби и очекувања и да ги поддржи максимално, доколку тоа е медицински возможно.

Нашата главна цел е спокојно и безбедно породување, а средбата со очекуваното новороденче да биде исполнета со среќа, љубов и пријатни моменти.

Лекарите и акушерките, кои работат во Болницата „Д-р Органџиски“ умеат трпеливо и со љубов да ја водат жената низ долгите часови на нормалното породување, но и да се справат во случаите кога е потребна итна интервенција.

Во Специјализираната болница по гинекологија и акушерство „Д-р Органџиски“, болничкото опкружување е доближено до домашната средина и овде ќе добиете максимална поддршка за мирно и безбедно породување.

При приемот, во предродилната и родилната сала, најважна е соработката на трудницата со акушерката. Трудницата треба да ги следи упатствата на акушерката за начинот на дишење и издишување и воопшто сите насоки и инструкции кои акушерката ќе ѝ ги даде. Кога трудницата ќе биде однесена во родилната сала, започнува процесот на породување.

Родилната сала во нашата болница е опремена со мултифункционален родилен кревет што овозможува заземање на различни позиции во секоја фаза од породувањето.

Ако се одлучите за спонтано породување, во нашата болница имате можност да изберете како да протече вашето породување: со медикаменти за обезболување (епидурална и спинална аналгезија/анестезија) или сосема природно без медицинска интервенција и давање лекови. Во случај да се појават неочекувани компликации, ќе бидете информирани за нивната природа и потребата од примена на лекови или операција со цел справување со истите.

По породувањето ќе бидете сместени во една од собите на Одделение. Сите соби во нашата болница се еднокреветни вип - соби со: купатило, интернет и ТВ. За сето тоа време, ќе бидете под медицински надзор, а ние не само што ќе го следиме вашето закрепнување, туку и ќе ве поддржуваме успешно да започнете со доење.

Основни факти за спонтаното породување

Раѓањето се дефинира како период од започнувањето на регуларните утерини контракции до исфрлање на постелката.

  • Породувањето се разликува кај секоја жена и може да биде различно секое породување кај една иста жена.
  • Информирањето за фазите на породување ќе ви помогне да знаете што да очекувате и како најдобро да се подготвите.

Како да знам дали природното раѓање е започнато?

  • Контракциите се појавуваат во редовни интервали и стануваат сѐ почести.
  • Истекување на околуплодова вода или појава на сукрвица.
  • Појава на тапа болка во долниот дел на грбот или долниот дел на абдоменот.

Породувањето се одвива во 4 родилни времиња:

  1. Фаза на цервикална дилатација;
  2. Фаза на раѓање на плод;
  3. Фаза на експулзија на постелка;
  4. Фаза на постпородилен мониторинг.

Првото родилно време е најдолго. Контракциите во оваа фаза стануваат сѐ посилни и постепено го отвораат грлото на матката и овозможуваат бебето да се спушти во карлицата и родилниот канал. Периодот на цервикална дилатација е поделен на латентна фаза и активна фаза. Започнувањето на латентната фаза се дефинира како точка од која мајката започнува да чувствува регуларни контракции и кај најголемиот дел од жените завршува на 3 до 5 см дилатација.

Во текот на овој стадиум:

  • Може да чувствувате умерени контракции, кои се јавуваат и поминуваат на секои 5 до 15 мин. и траат од 45 до 60 секунди.
  • Може да забележите појава на оскудна сукрвица. Ако се појави пообилно крварење, морате веднаш да се јавите на лекар.

Активната фаза започнува кога контракциите стануваат редовни, а грлото на матката е отворено од 3 до 5 см. Сега е време да се упатите кон родилиштето.

Ако сте дошле во родилиштето пред започнување на активната фаза на породувањето, можно е да бидете вратени дома и да ви биде кажано повторно да дојдете.

Второто родилно време е фазата кога, всушност, бебето ќе се роди. Оваа фаза обично трае 1-2 часа. Грлото на матката е комплетно дилатирано и почнуваат напоните во тек на кои треба бебето да го „истуркате“ надвор. Лекарот и акушерката ќе ви објаснат дека треба длабоко да земете воздух, да го задржите воздухот и потоа да напнете. Во текот на оваа фаза лекарот и акушерката одлучуваат дали ќе се направи епизиотомија или не (пресекување на меѓицата со цел да се олесни излегувањето на бебето и спречување на поголемо расцепување на меѓицата).

Во третата фаза плацентата преку која бебето се хранело во матката, се исфрла надвор од телото на мајката. Оваа е најкратката фаза и обично се случува 5-30 мин. по раѓањето на бебето. Повторно ќе почувствувате контракции, кои сега се помалку болни и пократки, а акушерката ќе помогне постелката да излезе или ќе ви каже уште еднаш да напнете со што овој процес не би требало да биде посебно непријатен.

Во последната, четврта фаза, пациентката по породување останува два часа на бокс за да се опсервира нејзината состојба после раѓање со следење на виталните параметри. По завршувањето на оваа фаза, ќе бидете сместени во една од вип - собите на одделение.

Основни факти за породување со Царски рез

Што ќе ви се случува во операционата сала во текот на царскиот рез? Што ќе видите, слушнете и почувствувате? За колку време ќе се роди вашето дете и кога ќе можете да го видите? Колку време ќе поминете во операционата сала и што следува после тоа? Ова се само дел од прашањата, кои си ги поставувате.

Добредојдовте во операционата сала!

Кога од некоја причина од страна на плодот или мајката раѓањето не може да се заврши успешно по нормален пат, се прави царски рез.

Царскиот рез подразбира породување на плодот низ инцизија, направена на предниот абдоминален ѕид на мајката (лапаротомија) и инцизија низ ѕидот на матката (хистеротомија).

Царскиот рез може да биде планиран (елективен) или итен - во случај на настанат проблем во тек на спонтаното породување. Планираниот царски рез вообичаено се прави 7-10 дена пред веројатниот термин за породување. При повеќеплодова бременост или при други медицински индикации, царскиот рез може да се закаже и порано.

На денот на операцијата ќе ви биде направена предоперативна подготовка која вклучува:

  • Тоалета;
  • Ставање клизма;
  • Облекување на болничка пижама;
  • Поставување на интравенска линија;
  • Поставување на уринарен катетер;
  • Ставање на анестезија;
  • Подготовка на оперативното поле.

При царски рез, бебето се раѓа околу 5-10 минути од почетокот на операцијата. Истиот се изведува од операторот внимателно и на начин, кој до одреден степен го имитира поминувањето на бебето низ природниот родилен канал. Вие нема да почувствувате болка, но може да почувствувате влечење или притисок при излегувањето на бебето.

Специјализираната болница за гинекологија и акушерство „Д-р Органџиски“ располага со операциони сали, опремени со врвна апаратура со главна цел - постигнување на максимална безбедност за нашите пациентки и за новороденчињата.

По породувањето со царски рез, ќе бидете сместени во Одделот за интензивен надзор (6 до 24 часа по проценка на анестезиологот), кој исто така е опремен со врвна апаратура за интензивен мониторинг на пациентките.

По завршувањето на оваа фаза, ќе бидете сместени во една од вип - собите на одделение.

Времетраењето на престојот во болница зависи од начинот на породување. Пациентките породени спонтано, вообичаено престојуваат 3 дена, а породените со царски рез - 5 дена.


Документи кои е неопходно да ги земете со вас пред доаѓање во болницата за породување:

  • Испитување за крвна група и Рх фактор- оригинален документ со потпис и печат од трансфузиолог;
  • Вирусологија (Хепатит Б, Хепатит Ц, ХИВ) - оригинален документ со потпис и печат од лабораторијата каде сте го правеле испитувањето. Ве молиме обратете внимание на нивната важност - 6 месеца!;
  • Документи од иследувања правени во текот на бременоста;
  • Документи за пропратни заболувања (ако имате).