НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА ВО ВРСКА СО ИВФ ПРОЦЕДУРАТА

,,ИН ВИТРО оплодувањето - ваш мост до родителството"

НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА ВО ВРСКА СО ИВФ ПРОЦЕДУРАТА

1. КОИ ИСПИТУВАЊА ТРЕБА ДА СЕ НАПРАВАТ ПРЕД ПОЧЕТОК НА ИВФ?

Задолжителни се прегледи кај нашите гинеколози, кои опфаќаат:

  • колпоскопија и гинеколошки преглед,
  • 2Д Ултразвук и 5Д ултразвук, како и
  • спермограм за сопругот/партнерот.

Сите други анализи, можете да ги направите во нашата лабораторија. Ако веќе имате направено некои од анлизите, може да донесете резултат, но тој не да не е постар од шест месеца.

За пациентката е потребно:

  • Хормонски статус (FSH, LH, Estradiol, Prolaktin, TSH I FT4) на трет ден од циклус и Анти милериан хормон - по барање на гинекологот, најчесто ако пациентката има полицистични јајници со многу антрални фоликули или пак има малку антрални фоликули, за да се види оваријалната резерва;
  • Пакет бактериолошки брисеви: вагинален брис, цервикален, Уреаплазма, Микоплазма и Хламидија и Пап - тест;
  • Инфективен скрининг: се зема крв за Хепатит Б, Хепатит Ц и ХИВ;
  • Биохемиски анализи: комплет крвна слика со гликемија, хепатални проби и липиден статус;
  • крвна група;
  • фактори на хемостаза.

За сопругот/партнерот, потребно е:

  • Спермограм (со апстиненција од односи 2-5 дена);
  • Спермокултура;
  • Инфективен скрининг: Хепатит Б, Хепатит Ц и ХИВ;
  • Биохемиски анализи: комплет крвна слика со гликемија, хепатални проби и липиден статус;
  • крвна група.

Пред почеток на било која процедура (инсеминација или ин витро), потребно е да имате нов Извод од матична книга на венчани или Нотарски акт ако живеете во вонбрачна заедница.

2. ДАЛИ ИНСЕМИНАЦИЈА ИЛИ ДИРЕКТНО ДА СЕ ОДИ НА #ИН_ВИТРО?

Нашиот тим одговара на вашите најчесто поставувани прашања во врска со ин витро процедурата.

Инсеминацијата е метода на избор која се прави во случај кога:

  • се работи за неплодност која не е долгогодишна;
  • пациентката е млада – до 35 години и има доволен број на антрални фоликули;
  • јајцеводите се проодни;
  • спермограмот е со дијагноза ,,Normozoospermia", ,,Asthenozoospermia" или ,,Oligozoospermia" од лесен степен.

Инсеминацијата е, всушност, потпомогнат природен процес.

Со помош на таблети се прави блага стимулација за да се добијат еден или два фоликула.

Кога фоликулите ќе достигнат големина од 16-18 мм се дава т.н ,,стоп инјекција" која ќе помогне да настапи сигурна овулација.

На денот кога е закажана инсеминацијата, вашиот сопруг треба да даде семе во стерилен сад за таа намена.

Семето се обработува и само најдобрите сперматозоиди се внесуваат директно во матката со помош на специјален катетер.

Во тек на 10-15 минути сперматозоидите ќе навлезат во јајцеводите и тука ќе настапи оплодувањето.

Слабостите на оваа метода се што немаме информација дали воопшто има јајце клетка во фоликулите ниту дали настапило оплодување.

Во сите други случаи на:

  • Долгогодишна неплодност;
  • Возраст на пациентката над 40 години;
  • Намален број на антрални филикули и АМХ под 1 Ng/ml;
  • Непроодни јајцеводи или отсуство на истите;
  • Спермограм со мал број на подвижни сперматозоиди и намален број воопшто, со намален;
  • број на сперматозоиди со правилна морфологија,

Пожелно е да не се губи драгоценото време и веднаш да се подготвите за ин витро!

Изборот на лекување ќе го направиме во договор со вас, зависно од секој случај индивидуално.

3. ДАЛИ Е БОЛНА ПРОВЕРКАТА НА ЈАЈЦЕВОДИТЕ?

Во Болницата ,,Д-р Органџиски" се прави HSSG, Хистеро - соно - салпингографија.

Оваа процедура е безболна.

Се прави со постепено вбризгување на 20 мл течност во матката со помош на тенок катетер. Течноста навлегува во јајцеводите и на крај се излева позади нив.

Може да осетите мала нелагодност во моментот на вбризгување на течноста.

Ако јајцеводите се непроодни, се чувствува болка при што се прекинува процедурата и се препорачуваат други испитувања.

4. МОЈОТ СОПРУГ ИМА ДИЈАГНОЗА #Oligoasthenoteratozoospermia. ДАЛИ ТРЕБА ДА СМЕ ЗАГРИЖЕНИ И ДАЛИ ТРЕБА ДА ПРИМА ЛЕКОВИ?

Оваа дијагноза означува дека има:

  • намален број на сперматозиоди, под 15 Мио/мл,
  • намален број на подвижни сперматозоиди, под 32 % и
  • намален број на сперматозоиди со правилна морфологија, под 4 % .

Нема потреба да сте загрижени, но мора да се лекува:

  • Tabl. Spermotrend,
  • Tabl Sexovit или
  • обидете да промените некои животни навики: пушење, алкохол, физичка неактивност!

Внесете во исхраната јаткасти плодови! Намалете го стресот!

Контрола да се направи по еден до два месеци. Ако нема подобрување, треба да се размислува за ин витро!

5. ДАЛИ СОРАБОТУВАТЕ СО ФОНД ЗА ЗДРАВСТВО? Имам добиено Согласност за ИВФ на товар на Фондот. Која е постапката ако се решиме да ја искористиме кај вас? Дали имаме дополнителни трошоци?

Болница ,,Д-р Органџиски" - Штип има договор за соработка со Фондот. Ќе ни биде задоволство доколку нè изберете нас, за заедно да ја постигнеме вашата цел - здраво потомство.

Доколку не сте биле во нашате Болница досега, закажете преглед кај нашите гинеколози и понесете ја со себе согласноста од Фондот!

Исто така, понесете ги сите испитувања што сте ги направиле и поднеле во Фондот!

Нашите медицински сестри ќе ви отворат досие во кое ќе ги ставиме сите фотокопии од испитувањата/анализите.

Истовремено закажете и ,,спермограм" за сопругот и запазете го советот за апстиненција од односи 2-5 дена!

Притоа ќе се направи план за вашето лекување и ќе ви дадеме насоки кога ќе почнеме и кога да побарате Специјалистички упат од Вашиот матичен гинеколог.

Можеби, ќе има потреба од некои дополнителни испитувања, но ќе бидете уредно информирани.

Обрнете внимание на важноста на добиената Согласност - важи шест месеца од денот на одобрувањето.

Доколку искористите до 22 ампули за супресија и до 30 ампули за стимулација (колку што одобрува Фондот), немате дополнителни трошоци.

Ако има потреба да се искористат повеќе ампули (најчесто, тоа е случај кај пациентки со намалена оваријална резерва), ќе треба да доплатите.

Се плаќа само Стоп инјекцијата што се прима 36 часа пред пункцијата.

За сите детали ќе бидете информирани навремено.

6. КОЛКУ Е ВРЕМЕНСКИ ПОТРЕБНО ДА СЕ НАПРАВИ ИВФ! Објаснете ми ја целата постапка! Што да очекувам?

Од втор ден на циклус почнувате со таблети ,,Јасмин" или ,,Микрогинин", така што пиете по една таблета секој ден во исто време.

Кога сте на 16-17 таблета, закажете преглед! Треба бидат чисти јајниците без присуство на циста.

Почнувате со ампули за супресија, смирување на јаниците - секој ден наутро се боцкате два прста околу папокот. Овие ампули се аплицираат многу едноставно, ќе ве обучиме како сами да ги ставате.

Таблетите ги пиете до крај, освен ако не ви каже докторот поинаку. По 5-7 дена ќе добиете менструација, која може и да биде послаба, но не грижете се, само информирајте нè!

На трет ден од циклус доаѓате на преглед, се прави краток ултразвук да се види дека јајниците се смирени. Се проверуваат хормоните.

Почнувате со ампули за контролирана стимулација кои се ставаат попладне. Дозата ја одредува докторот и како и кога да дојдете на следна контрола.

Стимулацијата трае најчесто 8-9 дена, по што докторот одредува кога да ја аплицирате Стоп инjекцијата.

Пункцијата ја закажуваме по 36 часа.

На денот на пункцијата доаѓате гладна и жедна, еден час пред интервенцијата која се изведува под дејство на краткотрајна интравенска анестезија - нема да почувствувате болка!

Ќе добиете информација колку јајцеклетки сме добиле, а вашиот сопруг ќе треба да остави сперма.

Ќе ви биде препишана терапија која треба да ја примате цело време до тестот за бременост.Овој ден е таканаречен О - ден што за вас значи дека треба да одмарате. Може да чувствувате болка, но не грижете се! Болката ќе исчезне или ќе се намали до следниот ден. Само бидете релаксирани.

Секој ден ќе добивате информација од нашите ембриолози колку клетки се оплодени и каква е делбата на ембрионите.

Првиот ден е денот кога се гледа колку јајце клетки се оплодени. Оплодувањето се гледа со присуство на два пронуклеуса- по еден од двата родитела.

Вториот ден, ембрионите се поделени на четири бластомери. Можно е да има различни делби, некои на два, три или повеќе бластомери.

Третиот ден, идеалните ембриони се поделени на осум бластомери, еднакви по големина и правилно распоредени. Ако ембрионите имаат некои неправилности, во вид на различен број на бластомери, присуство на фрагменти, не се разочарувајте! Сите ембриони ги чуваме во исти услови, за на крајот да ги одбереме најдобрите.

Четвртиот ден, ембрионите се во фаза на морула или компакција.

Петти ден – Ембрионите се во фаза Бластоцисти. Тоа е денот кога се прави Ембриотрансфер - најважниот и најубав момент од целиот процес, поточно - враќање на најубавите еден или два ембриона во матката. Ембрионите се враќаат со помош на тенок катетер, на точно определено место, при што нема да почувствувате болка. Во нашата болница ќе останете еден час, по што си одите дома.

Пожелно е во следните два дена да бидете релаксирана, да одмарате, бидејќи во тие денови се очекува да се случи имплантацијата - вгнездување на ембрионот во матката.

Следните денови може и да работите, доколку работното место не ви со тешка физичка работа или психички стрес. Во спротивно, матичниот гинеколог ќе ви напише боледување во тек на 15 дена.

По 14 дена, направете крвен тест за бременост. Доколку е позитивен, продолжувате со терапија и понатаму, а ултразвучен преглед закажуваме за 7-10 дена кога ќе се утврди присуство на еден или два сакуса.

7. НА КОЈ НАЧИН СЕ ВРШИ ОПЛОДУВАЊЕТО?

Оплодувањето може да се прави со класично ИВФ – кога на сите добиени јајце клетки им се додаваат обработени сперматозоиди со помош на т.н Swim up метода. Притоа се очекува сперматозоидите сами да навлезат во јајце клетките и да ги оплодат. Оваа метода се применува кај пациенти, кои имаат нормален спермограм со доволен број сперматозоиди.

ИКСИ (интрацитоплазматска спермална инјекција) е метода која се прави со помош на инвертен микроскоп – еден сперматозоид се избира и се вбризгува во јајце клетката. Оваа метода се применува кога има помал број на сперматозоиди, мал број на клетки, ако не се постигнало оплодување претходно со класично ИВФ.

Исто така, во случај на користење донорски материјал, јајце клетки или сперматозоиди задолжителни се користи ИКСИ.

8. ШТО АКО ИМАМ ПОВЕЌЕ ЕМБРИОНИ?

Законски е одредено дека најмногу два ембриона може да се трансферираат. Ако има два неуспешни ИВФ обиди, дозволено е да се вратат три ембриона.

Ако има повеќе ембриони со добар квалитет, бластоцисти, имате можност да ги криопрезервираме и зачуваме за следен обид.

Во нашата Болница се применува метод на Витрификација – кој има висок процент на успешност и преживување на ембрионите.

Така, доколку не останете бремена, имате можност да ги прескокнете сите фази на ин витрото и да добиете уште една шанса.

Ако пак останете бремена со едно бебе, ембрионите ќе ја чекаат вашата согласност за нов почеток тогаш кога вие ќе бидете подготвени.

9. ШТО Е ИН ВИТРО СПОНТАН ЦИКЛУС?

Во случај кога имате намалена оваријална резерва, гинекологот може да ви предложи да се направи Пункција на спонтан циклус - без стимулација или со блага стимулација се добиваат еден или два фоликула.

Доколку има јајце клетка во истите, се оплодува со помош на ИКСИ метода.

Може да се обидувате секој месец, нема потреба од пауза меѓу две процедури како при стимулираните циклуси.

10. ДОБИВ УСЛОВНА СОГЛАСНОСТ ОД ФОНДОТ ЗА ДОНИРАНИ ЈАЈЦЕ КЛЕТКИ. КОЈА Е ПОСТАПКАТА?

За да увеземе донирани јајце клетки, потребно е да добиете согласност од Државната комисија за БПО, по претходно најден донор кој одговара со вашите карактеристики: боја на очи, коса, крвни групи, висина. Важно за вас е дека во Македонија не се увезува ист донор двапати. Потребно е да се направи преглед и да донесете резултат од АМХ - нашите специјалисти треба да достават Стручно мислење во прилог на останатите документи:

  • По два оригинални примерока од нотар, правник и психолог (ние ќе ве упатиме точно каде да се обратите);
  • Оригинал нов Извод од матична книга за венчани или фотокопија заверена на нотар - не постар од 6 месеци.

Сите документи ги испраќаме до Државната комисија за БПО.

По добиената Согласност, следува увозот, кој може да потрае неколку месеци, но бидете трпеливи!

Внимавајте! Фондот не одобрува средства за дониран материјал - тоа си го обезбедувате сами.

Во меѓувреме, ако немате менструација, нашите гинеколози ќе ви одредат терапија, која ќе ја примате секој месец со цел да добивате и вашиот ендометруим да биде приемчив за ембрионите што ќе ги добиеме.

11. ВО СЛУЧАЈ НА ,,Аzoospermia", ДАЛИ РЕШЕНИЕТО Е ДОНИРАНИ СПЕРМАТОЗОИДИ?

Потребно е да се направат три спермограми. Ако сите покажуваат отсуство на сперматозоиди, следи испитување на хормони.

Потоа се прави Биопсија на тестиси и Кариотип.

Овие документи се приложуваат на Стручното мислење:

  • По два оригинални примерока од нотар, правник и психолог (ние ќе ве упатиме точно каде да се обратите);
  • Оригинал нов Извод од матична книга за венчани или фотокопија заверена на нотар - не постар од 6 месеци.

Сите документи ги испраќаме до Државната комисија за БПО.

По добиената Согласност, следува увозот, кој може да потрае неколку месеци, но бидете трпеливи.

За ин витро процедурата во случај со донирани сперматозоиди, постапката е иста.

Сперматозоидите се одмрзнуваат на денот на пункцијата и со нив се оплодуваат јајце клетките, исклучиво, со ИКСИ постапка - еден сперматозоид се вбризгува во една јајце клетка.